Спортските колективи во државата се во паника поради новиот тренд на полицијата да бара пари за нејзино присуство на спортските настани, кое досега беше бесплатно, а за што немаат добиено никакво објаснување, упатство или, пак, ценовник | |
![]() | |
![]() | |
Постои сериозна опасност македонскиот спорт целосно да колабира ако Министерството за внатрешни работи (МВР) продолжи да наплаќа за своето присуство на спортските настани во државата, нешто што досега беше бесплатно, барем такви се најавите од неколку спортски федерации што се соочија со овој проблем. Изминатите десетина дена неколку кошаркарски, фудбалски и ракометни случувања неочекувано беа оптоварени со сметка изразена од две-три илјади евра за присуството на полицијата на овие настани, нешто што во досегашниот период од осамостојувањето на државата се сметаше како службена должност на луѓето во сина униформа. Припадниците на МВР проценија дека нивното присуство на спортските манифестации чини шест евра од час по полицаец. Ако се земе предвид дека обврските на полицијата на спортските натпревари најчесто траат околу три часа и дека на средбите доаѓале најмалку по пет, а понекогаш и по 20-30, па и повеќе униформирани лица, тогаш станува јасно дека е ова голем удар врз и така тенкиот буџет на македонските спортски колективи. Засега најуплашено изгледаат луѓето во кошаркарските клубови, кои деновиве имаат низа состаноци на тема што и како да се прави во однос на новиот курс што го зазема македонската полиција. Тоа е можеби така поради фактот што прв што се соочи со новите полициски правила беше кошаркарскиот прволигаш Торус, кој за организација на пријателски турнир пред две недели доби фактура во износ од 1.900 евра, без вклучен данок на додадена вредност. - Тоа што му се случи на Торус предизвика вознемиреност кај сите кошаркарски тимови. Евентуалното плаќање на полицијата ќе донесе нова непредвидена ставка, која значително ќе го оптовари нашиот буџет. Едноставно, ставот на кошаркарските клубови е дека ако МВР продолжи да бара пари за тоа што досега го правеше бесплатно, тогаш во Македонија сигурно ќе замре играта со портокаловата топка, односно клубовите повеќе нема да се натпреваруваат - велат во Здружението на кошаркарските прволигаши. Главен проблем, барем според кошаркарските работници, е што луѓето од МВР воопшто не контактирале со нив или, пак, со другите спортски колективи во државата за да им го објаснат ова ново правило. - Полицијата не се потруди да испрати барем еден допис во кој би ни ги протолкувала новите правила и би ни ги испратила новите услови на кои мораме да се навикнеме. Поради тоа, преку Македонската кошаркарска федерација ќе се обидеме да дојдеме до какво-такво објаснување од МВР за да знаеме на што сме - дополнуваат во кошаркарското здружение. ![]() Кај фудбалерите со барање за плаќање засега се соочија само организаторите на хуманитарниот турнир „Сокол“, но и тоа беше доволно во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) да почнат да разговараат на оваа тема. Тие, засега, се немаат соочено со овој проблем, но истакнуваат дека ако треба да плаќаат за услугите на полицијата, ќе се соочат со огромни проблеми, поради правилата на ФИФА и на УЕФА за неприсуство на униформирани лица на трибините и долу на теренот. - Досега никој од полицијата не ни побарал пари за обезбедување на средбите што ги организираме ние, како ФФМ. Досега за секој меч на репрезентацијата ангажираме 300 полицајци и 300 члена на приватни агенции за обезбедување. Ова од проста причина што поради правилата на УЕФА и на ФИФА на трибините не смееме да имаме полиција, па затоа таму за редот и мирот се ангажирани обезбедувачи од агенциите. Само во случај на големи безредија е дозволено влегување на полицијата на теренот или на трибините. Се консултиравме со нашиот комесар за безбедност, но немаме конкретен став што би правеле ако навистина треба да плаќаме на МВР. Бројките на обезбедувачи што нам ни требаат би значеле огромен трошок за секој натпревар - вели Игор Климпер, генералниот секретар на ФФМ. Ако во иднина ФФМ реши целото обезбедување да биде од редовите на МВР, за еден меч и за 600 ангажирани полицајци Федерацијата би требало да плати речиси 15.000 евра. Овие примери, но уште низа вакви случаи, кои дополнително ќе бидат изнесени во јавноста, наведуваат на заклучок дека македонскиот спорт претрпува уште еден сериозен удар во делот што е најпроблематичен за нив - финансиите. Во ситуација кога можат да се избројат на една рака спортските колективи што се без финансиски проблеми и кога гиганти од типот на ФК Вардар, КК Работнички или РК Ѓорче Петров се речиси пред згаснување, секој дополнителен трошок носи големи проблеми. Со овој потег МВР, односно државата, само дополнително го закомплицира тешкиот живот на македонските спортски колективи. А каков ќе биде крајниот епилог ќе покажа периодот што претстои. | |
|
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92110955295&id=9&setIzdanie=22088
Nessun commento:
Posta un commento